Видое Подгорец
Видое Подгорец (Колешино, 8 јуни 1934 - Скопје, 14 април 1997) — еден од најплодните македонски писатели, патописец,поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни. Припадник е на втората генерација македонски писатели. Објавил голем број стихозбирки, раскази и романи.
Видое Подгорец е роден на 8 јуни 1934 година во струмичкото село Колешино, во сиромашно семејство. Во родното село завршил основно училиште, а во 1950 година завршил учителска школа во Штип. Потоа, со неполни шеснаесет години, почнал да работи како учител. Поради сиромаштијата, не бил во состојба редовно да ги следи предавањата на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, па затоа, студирал како вонреден студент. Во 1956 година, дипломирал на Вишата педагошка школа, а во јуни 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска литература. Потоа, три години работел како училишен инспектор за Штипската околија, а во 1962 година се вработил во Скопје, во „Нова Македонија“, т.е. во редакцијата „Детска радост“, како уредник на детските списанија „Другарче“ и „Наш свет“.[1] Својот работен век го завршил како директор и главен уредник во НИК „Наша книга“. Починал на 14 април 1997 година во Скопје. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1958 година.[2]Видое Подгорец започнал да пишува додека бил ученик во учителската школа во Штип, а малку подоцна, непосредната работа со децата (како учител) имала пресудно влијание за неговата определба за детската литература. Подгорец спаѓа во редот на најпопуларните и најплодните македонски писатели: само во првите десетина години од своето творештво, веќе објавил околу триесет книги! Неговите дела се преведувани на повеќе јазици, и тоа: српски, хрватски, словенечки, турски,албански, руски, украински, полски, чешки, словачки, бугарски итн. Тој пишувал поезија и проза за возрасни и за деца, а се занимавал и со книжевна критика и есеистика, а покрај тоа, има објавено серија патописи од неговите патувања по Блискиот Исток. Во продолжение, тој е автор на неколку телевизиски сценарија за детски игри, како и на две радио-драми за деца: „Незавршена приказна“ (заедно со Михо Атанасовски) и „Чудесно патување“. Исто така, тој е уредник на две антологии: „Гулаб на мирот“(избор на раскази за деца) и „Вртешка“ (избор на песни за деца). Во 1969 година, издавачката куќа „Наша книга“ од Скопје објави избор од делата на Подгорец во десет книги.
No comments:
Post a Comment